Ден на еколошка размена 2025 - Со мали уреди, заедно со свесните граѓани, направивме големи промени!

Минатата сабота, Кафе Мамбо во паркот Авионче, Ново Лисиче, се претвори во забавна еко-зона каде што на граѓаните им овозможивме да направат голема разлика со мал гест – селектирање на е-отпад. 

Настанот започна во весела и сончева атмосфера, а голем број семејства и поединци дојдоа да селектираат стари електрични и електронски уреди: телефони, кабли, лаптопи, полначи… За секое донесено парче отпад, учесниците на настанот добиваа на подарок мини садник – бор, како симбол на нов почеток и наша благодарност за заедничката грижа кон животната средина. 

Најмладите учесници беа најактивни. Преку боенката што ја подготвивме за нив учеа за текот на овој вид отпад, а благодарение на нашите пријатели од Зелената Арка, учествуваа во креативна и едукативна работилница на која учеа како да изработат семенски бомби – топчиња од глина, компост и семиња, кои помагаат во прочистување на почвата од тешки метали. Преку игра и практична изработка, децата научија важни лекции за природата и фиторемедијацијата. 

А ние, на самиот почеток на настанот, со поддршка од Општина Аеродром и градоначалникот Дејан Митески, засадивме 10 нови дрвја во паркот, со цел да покажеме дека секоја заедничка акција може да има траен отпечаток. 

Дополнително, обезбедивме награди за тројца среќни учесници – електронски кујнски уреди, како дополнителна мотивација за еколошки свесно однесување. 

Целиот ден ни помина во весела атмосфера. За музичкиот избор се погрижи диџеј Базел, а низ сите активности нѐ водеше Марко Новески со силна и позитивна енергија. 

Голема благодарност до сите што ни се придружија! Заедно покажавме дека грижата за природата е заедничка одговорност. 

Продолжете да го селектирате вашиот е-отпад на правилен начин и искористете ги бесплатните услуги на Елколект за преземање, транспорт и еколошко постапување со овој вид отпад. 

Поврзани објави