„Промената нека почне од тебе – време е да покажеш”

Секое општество е должно да се грижи за својата животна средина. Но, дали тоа навистина го правиме? Да признаеме, во нашата земја свеста е на разочарувачки ниско ниво, се повторуваат лоши навики, а постојано се занемаруваат „малите“ проблеми, што води кон големи и трајни последици. Иако светот оди напред со технолошки иновации и алтернативни решенија, ние сè уште се соочуваме со застарен менталитет кога станува збор за преземање одговорност, особено кон природата и ресурсите околу нас.

Свесни сме дека промените не се случуваат преку ноќ, но започнуваат со една индивидуална одлука. Па така, да не дозволиме електронските уреди да ни служат само додека се нови, а потоа да завршат заборавени во фиоки или уште полошо, на депонии. Вистинската одговорност не е само во поддршката, туку и во активното учество.

Сите сме запознаени со информацијата дека е-отпадот не се фрла во обичен отпад, затоа што содржи токсични материи, загадува почви и подземни води, и може да биде сериозен ризик по здравјето доколку не се третира правилно.Но, и покрај тоа, реалноста е дека голем дел од граѓаните, едноставно не преземаат ништо.

Причината не е во тоа што не знаеме. Туку во тоа што не дејствуваме. Одложуваме. Се обесхрабруваме. Очекуваме некој друг да го реши проблемот за нас.

Во многу европски држави, одлагањето на е-отпад не е само индивидуална обврска, всушност е културна норма и дел од систем кој функционира. Според најновите достапни податоци, држави како Естонија (76%), Норвешка (72%), Исланд (71%) и Шведска (70%) се меѓу најдобрите во светот според процентот на електронски отпад што го рециклираат во однос на количината што ја создаваат.

Овие бројки се доказ дека навиките на граѓаните се издигнати на ниво на одговорно постапување, секојдневно. Таму, одлагањето на е-отпад не се доживува како дополнителен напор, туку како нешто нормално, очекувано и важно.

И додека овие држави придонесуваат за средината, сепак останува загрижувачки фактот што над 82% од електронскиот отпад на глобално ниво сè уште не се рециклира преку официјални канали. Научниците не можат со сигурност да следат каде завршува тој отпад, затоа што дел завршува во депонии, дел се извезува, а дел останува затворен во домовите.

И покрај тоа што 78 држави до крајот на 2019 година усвоиле национални политики или регулативи за управување со е-отпад, во многу од нив спроведувањето сè уште е слабо или непостоечко. Ова само ја потврдува потребата од промена која доаѓа и директно од граѓаните.

Дали знаеш дека:

  1. Само 17.4% од е-отпадот се рециклира преку официјални канали

Иако глобално се создаваат над 50 милиони тони е-отпад годишно, дури 82.6% од него никогаш не стигнува до правилното место, што значи дека околу 47 милијарди долари вредни суровини завршуваат изгубени.

  1. Е-отпадот не се разградува

За разлика од органскиот отпад, е-отпадот не се распаѓа. Тој останува со години во животната средина, загадувајќи ја исто како пластиката.

  1. Содржи токсични супстанции што ја загадуваат почвата, воздухот и водата

Уредите што ги фрламе содржат жива, олово и други токсични супстанции кои, доколку не се третираат правилно, завршуваат во почвата, водата и воздухот.

  1. Е-отпадот придонесува за климатски промени

Во 2019 година, фрижидери и клима-уреди оставени на депонии, ослободиле количина на стакленички гасови која изнесувала 0.3% од вкупните глобални емисии поврзани со енергија.

  1. Е-отпадот е проблем што може да се решава индивидуално

Е-отпадот е единствениот проблем за кој можеме да превземеме одредени мерки без да се потпираме само на моќта на корпорациите и владата. Да се информираме, да рециклираме, да поправаме. Иднината почнува од нас.

Од она што можеме да го заклучиме е дека земјите кои континуирано се грижат за својата животна средина не се почитувани само по строгите закони, туку и по инвестирањето во менталитетот на граѓаните кои учат и прифаќаат дека правилното одлагање на отпад треба да е дел од секојдневие односно дека тоа е нешто нормално, очекувано и лесно.

 

Затоа потребно е да се запрашаме:

  • Кога последен пат фрлив стар електричен уред онака како што треба?
  • Каде ми се мобилните телефони што не ги користам веќе?
  • Што ќе правам со полначот што не одговара на ниту еден уред дома?

Секој од нас, индивидуално, може да придонесе за да се намали количеството на е-отпад. Преку мали, секојдневни одлуки. Преку навики кои стануваат пример. Преку личен став кој покажува дека не ни е сèедно.

Започни уште денес, сподели со комшија, пријател, роднина и пријави го е-отпадот од твоето домаќинството   

 

Извор:

 

Поврзани објави