УЧЕНИЦИТЕ ОД О.У. „СТИВ НАУМОВ КОИ СОБРАА 30 КИЛОГРАМИ БАТЕРИИ, НАГРАДЕНИ ОД ЕЛКОЛЕКТ

УЧЕНИЦИТЕ ОД О.У. „СТИВ НАУМОВ КОИ СОБРАА 30 КИЛОГРАМИ БАТЕРИИ, НАГРАДЕНИ ОД ЕЛКОЛЕКТ

Денес, 21ви март, 2017та година, во Скопје, Компанијата Елколект го одбележа првиот пролетен ден со посета на основното училиште „Стив Наумов“ во скопската населба Автокоманда, со цел да ги награди совесните ученици за нивната самоиницијативна акција за собирање отпадни батерии. Акцијата која учениците ја реализирале предводени од професорката по физика Билјана Ристоска резултираше со собрани 30 килограми отпадни батерии, кои совесните ученици не дозволија да се фрлат со останатиот отпад за од нив да се излеат опасните состојки и да предизвикаат загадување на почвата, подземните  или површинските води. Соодветното постапување на младите совесни луѓе со батериите како посебен вид отпад, беше забележан од страна на претставници на компанијата Елколект, а при денешната посета, нивната акција е наградена со цел да се истакнат позитивните примери.

Учениците од основното училиште „Стив Наумов“ запознаени со опасностите кои отпадните батерии може да ги предизвикаат со излевање на опасните супстанции што ги соржат, како цинк, литиум, олово, кадмиум и жива, со оваа еко акција потврдија дека  добрите навики се создаваат во рана возраст.  Најголем дел од батериите беа собрани од учениците од второ Б одделение, кои од компанијата Елколект добија поединечни подароци. Учениците кои со насмевки и стихотворби за природа и екологија, ги пречекаа претставниците од компанијата Елколект, споделија дека најголем дел од дотраените батерии се токму од нивните детските играчи, далечински управувачи, часовници или застарени мобилни телефони на членови од семејството.

„Вистинско задоволство и чест ни претставува да се дружиме и да ги наградуваме чуварите на животната средина. Со оваа акција учениците од основното училиште Стив Наумов, директно придонесоа да се намали штетното влијание врз животната средина и здравјето на луѓето од овој тип на отпад. Токму затоа, тие се нашите суперхерои.“ – изјави Здравко Зинзиров, маркетинг менаџер на Елколект.

„Сметам дека едукацијата за штетното влијание на отпадните батерии е од исклучителна важност и треба да започне уште од најрана возраст. Во детската природа е нивната инстинктивна потреба за блискост со природата и грижата за истата. Секој педагог и наставник е потребно да се залага за едукација и информирање на учениците за примарна селекција на опасниот отпад и на тој начин дополнително да ја поттикне и мотивира желбата кај децата да го рециклираат овој вид отпад и допринесат за зачувување на животната средина.“ – истакна Билјана Ристоска професорка по Физика во училиштето, која е главниот иницијатор за оваа акција.

Компанијата Елколект како лиценциран колективен постапувач со отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, презема конкретни чекори за подигање на јавната свест како кај возрасните, така и кај децата, за неопходноста од посебен третман како на отпадните батерии и акумулатори така и на е-отпадот кој не смее да се меша со останатите видови отпад. За таа цел, Елколект во континуитет поставува туби за рециклирање на отпадни батерии во основните училишта на територијата на Република Македонија, се со цел да ги едуцира, да ги охрабри и да им го олесни ослободувањето од овој вид отпад на сите ученици.

Поврзани објави